Урбано пчеларство во Хонг Конг (видео)

Пчеларите во Хонг Конг сакаат да докажат дека е возможно одгледување пчели во големите метрополи. Еден од нив тоа го прави занимавајќи се со пчеларство на 14 кат од зградата во која живее во индустрискиот дел на Хонг Конг.
Станува збор за Мајкл Леунг, по професија дизајнер, кој е веројатно првиот урбан пчелар во Хонг Конг. Тој одгледува пчели на традиционалниот кинески начин, без заштитна облека што според кинеските верувања ја одржува блиската врска на човекот со пчелите. Според овој традиционален метод, за да не се вознемируваат пчелите со нив треба да се работи многу бавно и смирено.
Иако е малку невообичаена идејата да се одгледуваат пчели во голем град каде околината не е прилагодена на потребите на пчелите, Мајкл Леунг потенцира дека околу Хонг Конг има доволно планини и природа. Мајкл Леунг е исто така основач на организацијата која го промовира пчеларството во урбаните средини или т.н. урбано пчеларствo, движење оформено со идејата за зачувување на популацијата на пчели и одржување на врската на човекот со природата.